• РАБОТА во поткровјето - РЕГУЛАТИВИ, ПРАВИЛА И ДОЗВОЛИ






Ако размислувате за почеток на обврските околу поткровјето, кровот или таванот сигурно веќе имате безброј сомнежи и прашања, но едно е сигурно: Од каде да почнете?

Ако размислувате за почеток на обврските околу поткровјето, кровот или таванот сигурно веќе имате безброј сомнежи и прашања, но едно е сигурно: Од каде да почнете?

Вие нам ни поставувате прашања, додека ние ги прашуваме архитектите. Архитектот Марта Илиевска од архитектонско студио ФОРМИКА + од Скопје, одговори на вашите најчесто поставувани прашања.

1. MP: Сакаме таванскиот простор кој го имаме да го претвориме во поткровје и истото да се користи за живеење, но можеби ќе се фокусираме само на промена на покривните ќерамиди .
Што ни е потребно да превземеме како активност во врска со добивање на дозволи? Какви видови дозволи постојат кога станува збор за поткровје и поплочување?

Не постои еден правилен одговор на ова прашање. Скоро секоја ситуација е уникатна по однос на потребните процедури. Пред се би рекла дека e потребно да се ангажира архитект кој ќе ја истражи ситуацијата како од архитектонско – урбанистички аспект, така и од имотно – правен аспект.

Постојат два документи без кои не може да се отпочнат никакви разговори. Прибавување на Извод од ДУП (Детален Урнбанистички План) и Имотен лист, е првиот чекор. Изводот ги содржи основните информации и ограничувања за зададената градежна парцела. Со тоа се дефинираат можните опции за локацијата и постојниот објект.

Важна улога во првиот чекор се следниве информации:

Дали постојното поткровје е впишано во имотен лист

Дали постојниот габарит е доволен за да се оформи корисен станбен простор

Дали постојниот објект е вклопен во важечкиот ДУП

Дали постојниот објект е изграден со дозвола за градење или е легализиран

Од сите тие информации ќе произлезе одговорот дали процедурата ќе може да се води како Проект за Реконструкција на кров или потребен е Проект за Надградба на поткровје. Првиот не дава можност за промена на габаритот на поткровјето и подлежи под процедура за издавање Решение за градежните активности , а вториот вклучува секаков тип на можни измени на постојното поткровје и подлежи под процедура за издавање Одобрение за градење. Двата документи ги издава органот надлежен за издавање одобренија за градење, поточно Општината, преку електронскиот систем Е-Одобрение.

Потребно е да се изработи Идеен проект фаза архитектура, кој во зависност од процедурата може да подлежи под Одобрение од Општината, пред воопшто да може да се отпочне со изработка на Основниот проект. Основниот проект, освен фаза архитектура, ги содржи и следниве фази: конструкција, електрика, водовод и канализација и Елаборат за енергетска ефикасност.

2. МP: Дали истата процедура се однесува и на поткровјата кај станбените згради?

Надградба на поткровје, освен на Индивидуални станбени објекти,  може да се врши и на станбени згради. Впрочем, во Скопје, тоа е особено актуелно веќе повеќе од 15 години. Во станбените згради, без разлика дали има класичен кров или рамнатераса, тој простор е со колективна сопственост. Во такви случаи, за надградба на поткровје потребно е да се има согласност од повеќе од 51% од сопствениците. Најчесто таквата потреба се јавува од несоодветно одржување на кровните површини и нивно пропаѓање низ годините, што доведува до протекување во становите на последните катови. Заедницата на станари не е финансиски моќна да го санира кровот и како најдобро решение им се гледа да се даде тој простор на некој Инвеститор. Тој ќе направи станови за продажба, а за сметка на тоа заедницата ќе си го подобри  квалитетот на станбените простори (термичка изолација, лифт) и изгледот на зградата. Како архитект, морам да кажам дека тој тренд не можам да го прифатам со леснотија. ‘Набилданите’ згради со поткровјата и доградбите на терасите, не само што го сменија ликот на Скопје туку и го намалија квалитетот на јавниот простор.

Пред и после адаптација

3. МP: Што е мансандра? Дали е тоа француски збор за поткровје или под овој поим се подразбира нешто сосема друго?
Зборот ‘мансарда‘ или ‘мансарден кров’ потекнува од 17ти век, од Франција, кога францускиот архитект Франсоа Мансард за прв пат проектира прекршен кров со две косини, со прозори на стрмната страна и со тоа создава корисен простор под кровниот покривач.

Тој начин на обликување на кровните површини се користи и ден денес. Прекршената кровна површина се состои од два различни нагиби и овозможува поголем корисен простор во основата. Според локалните закони, првиот нагиб е максимум 60 степени, вториот нагиб е максимум 35 степени, со цел да не се надмине дозволената кота на слеме.

4. MP: Дали денес проектирањето на поткровје е многу почесто во однос на периодот од 90-тите години?
Не би рекла дека има разлика во тој поглед. И денеска, скоро во секоја станбена зграда или куќа проектираме поткровје, иако станува се поприфатлива и можноста за рамна проодна кровна тераса или последен кат со каскадни повлекувања. На мое задоволство, почнува да се обрнува внимание и на квалитетот на станбениот простор како и на обликувањето, па така не секогаш се цели кон максимална корисна површина. Со тоа просторните и обликовните можности се поразноврсни и му дозволуваат на архитектот да примени различни архитектонски пристапи.
Разликата помеѓу 90тите и сега е начинот на кој законите и правилниците ги третираат поткровјата. Со подемот на приватните инвестиции во станбените објекти, се јави потреба и за искористување на секој можен м2 што го дозволува планот, бидејќи тоа значи и поголем профит. До 2002 година, законите не беа воопшто рестриктивни во поглед на проектирањето на поткровјата и за нив воопшто не се плаќаше комуналии. Потоа, со секоја измена на законите се додаваат нови дефиниции и ограничувања, со цел помала злоупотреба на поткровните простори. За инвеститорите, несомнено е примамливо да се платат само 30% комуналии, а да се добие иста корисна површина како на долните катови.
Во овој момент, можам да кажам дека не е целосно дефинирано што можеме да направиме, а што не. Оставено е секоја општина да си создава сопствено толкување и сопствени ограничувања, што повторно нуди можност за злоупотреба и нееднаков пристап кон сите засегнати страни.

5. MP: Кога зборуваме за надоѕидокот, дали постојат граници на максимум, минимум препорачана димензија или пак препораки, и од што зависи тоа?
Меѓу ограничувањата и условите кои треба да се задоволат е и висината на надоѕидокот. Истиот може да е максимум 150см, сметано од подот до почетокот на косината. Но, во исто време, тоа ја дефинира котата на венец, која е исто така ограничена со планската документација. Сето тоа е дел од анализата која ја правиме пред отпочнување со проектирањето.

6. МP: Дали постојат некакви параметри, ограничување кога е во прашање висината на слемето и висината на плафонот? Кој документ го пропишува наклонот на кровот?
Постојат повеќе параметри кои го ограничуваат габаритот на поткровјето. Висина на слеме, висина на венец, нагиб на кровната површина и сите се меѓусебно поврзани. Според Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, висина на слеме може да е максимум 4.5м, сметано од висината на венецот. Во Урбанистичко планската документација, освен дефинирањето на висината на венецот, може да биде дефинирана и друга висина на слемето. Кој Правилник и кој Закон ќе биде водич во проектирањето, се гледа од годината во која е изработена планската документација. Од таму, кога зборуваме за поткровја, можеме да зборуваме само за општи насоки. Вистинските можности конкретно се дефинираат преку првичната анализа која ја прави архитектот.
Слободната висина на поткровјето може да биде максимум 250см. Доколку самиот внатрешен волумен е поголем, потребно е да се предвиди спуштен плафон.

7. МP: Како се пресметува нето градежната површина на поткровјето?
Нето површина на поткровјето е севкупната корисна површина на поткровјето, со висина од 0 до 250см. Доколку во проектот е предвидена поголема висина, комуналиите се наплаќаат како за кат.

8. МP: Кој тип на кровна конструкција дава најмногу простор во поткровјето?
Каков тип на конструкција ќе се примени најмногу зависи од тоа што постои на лице место, но зависи и од типот на проектна документација која ќе се изработува. Најчесто поткровјата на постојните објекти се со дрвена кровна конструкција. Доколку никогаш не било предвидено да се користи како корисен простор, таа дрвена конструкција не нуди многу можности за нејзино искористување бидејќи истата, од аспект на потребни распони и нови тежини, не дозволува да се надополнува или менува.

Новите поткровја најчесто се со комбинација од челична конструкција, како примарни носачи, и дрвени греди и штафни, како секундарни конструктивни елементи. Челикот овозможува совладување на поголеми распони со помали димензии на греди и столбови, а во исто време лесно се поврзува со постојната армирано бетонска конструкција, како најчест случај кај постојниот објект. Со тоа заштедува простор по висина и нуди пофлексибилен пристап при организацијата на предвидените површини.

Во секој проект се трудиме да најдеме примена и реискористување на постојните елементи, до мера која тоа е возможно. Водиме сметка за финансискиот аспекти на проектите, но земен во предвид комплетниот проект, реискористување или најниската цена на одреден применет материјал не секогаш значи и најсоодветна одлука. Рационалност во искористување на површините, енергетска ефикасност на објектот и брзина на изведбата се само дел од работите кои влијаат на вредноста на објектот при неговата експлоатација.

9. МP: Кровен прозорец или Баџа?
По можност и двете 🙂
Природната светлина кај станбените простори е еден од најголемите квалитети. Од тука произлегува и неопходноста од постоењето на двете работи, но двете не овозможуваат ист третман при користење на просторот. Баџата, освен светлина, овозможува и корисна висина дури и во оние делови каде самата косина на кровот не нуди таква можност. Од друга страна, кај проекти за реконструкција на кров не сме во можност да го менуваме обликот на постојниот кров, па од таму, кровен прозор ни е единствена опција.

Гледајќи ги од аспект на архитектонски елементи и нивното влијание врз обликувањето на објектите, доколку се соодветно искомпонирани и двете нудат можности за игра и создавање убав/впечатлив/динамичен/смирен финален продукт. За жал, сликата на современото Скопје зборува дека баџите не се соодветно вклопени во архитектонското обликување. Секако дека постојат и добри примери, но се премногу ретки. Она што би сакала да го видам во иднина е токму тоа, соодветно искористување на двата елементи.

10. Како поткровјата влијаат на сликата на градот?
Во последно време се повеќе проектираме надградби или реконструкции, каде освен надградбата на поткровје, се прави и комплетна реконструкција на куќата. Ова е единствениот прав пристап при правење на било каква интервенција. Објектот на крај мора да има една архитектонска целина, еден архитектонски ‘јазик’. Во зависност од контекстот и од квалитетот на постојниот објект, носиме одлука дали надградбата ќе ја вклопиме користејќи го постојниот архитектонски израз или ќе си дадеме слобода камплетно да го смениме ликот на старите и дотрајани објект и да им дадеме нов живот. Водиме битка и со Инвеститорите на поголеми станбени објекти, која се почесто е успешна 🙂 Пристапот кој секогаш се трудиме да го примениме е да не се води сметка исклучиво на создавање максимална површина на поткровјето. Архитектурата не е само м2 корисен простор. Таа треба да понуди удобен и квалитетен живот преку својата внатрешна организација, но треба да понуди и соодветен архитектонски израз од надвор. Да се создаде нешто што позитивно ќе влијае и ќе ги надополни микро-локациските квалитети, а со тоа ќе влијае и на градот како своја макро-локација. Важна е и архитектурата на постојниот објект, истата треба да се почитува и да создадеме континуитет во изразот, или пак комплетно да се промени, но да се создаде нешто кое со својата појавност ќе овозможи амбиентален квалитет и ќе биде одраз на едно време.
Марта Илиевска е архитект и сопственик на проектантското биро ФОРМИКА +.
ФОРМИКА + е архитектонско студио од Скопје, оформено во 2008, чија главна цел е преку интегрално и аналитичко согледување на просторот и програмата, да се добие креативно, технички квалитетно и функционално архитектонско дело. Флексибилениот пристап во проектирањето, искуството, креативноста и љубовта кон професијата се главна одлика на тимот.

или

Погледнете ги и останатите совети за вашето поткровје

ИЗОЛАЦИЈА

ПРОЗОРЦИ

ГИПС

КРОВЕН ПОКРИВАЧ

Претворете го неискористениот поткровен простор во простор за комфорен дневен престој!

или

© Сите права се задржани. Моето поткровје 2015-2021. Развиено од My Marketing